Во организација на Министерството за економија денеска ќе се одржи втората по ред манифестација за прогласување на најдобрите пет бизнис планови во рамки на проектот „Организирање бизнис натпревар – Биди перспективен започни свој бизнис“.
Целта на проектот е поттикнување на претприемничкиот дух меѓу младите, преку подготовка на студентите и младите претприемачи за отпочнување на сопствен бизнис.
На манифестацијата, како што е најавено, ќе се обрати министерот за економија Беким Незири, кој ќе ги додели и ваучерите за најдобрите пет бизнис планови за 2014 година.
Се очекува да присуствуваат и ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Ахмети и проректорот на Универзитетот на ЈИЕ Блерим Река.