ЈП „Водовод и канализација“ мора да ги враќа улиците во првобитна состојба

Од:

На заедничката средба на градоначалниците на Град Скопје и општина Центар, Коце Трајановски и Андреј Жерновски и раководителите на сектори, како и директорите на јавните претпријатија се разговараше за изнаоѓање на решенија за проблемите.

На средбата е упатена забелешка на јавното претпријатија “Водовод и Канализација“, кое на одредени улици врши прекопи, а потоа не ги санира соодветно.

Раководителот на инспекциските служби на општина Центар, Кочо Стојчески рече дека на иницијатива на група граѓани, Советот на општината неодамна донесе правилник за уредување на постапката и условите за издавање согласност за прекопи.

Додека другите јавни претпријатија и приватни фирми се согласуваат дека правилникот мора да се применува, директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ на неодамнешната средба не се согласил неговото претпријатие да го применува правилникот.

„Тукушто асвалтирани улици се прекопуваат поради одредени дефекти на водоводот и наместо асвалтирање, се бетонираат или се крпат со бехатон плочки. Ова не е дозволиво. Ние работиме во интерес на граѓаните и не смее политиката да биде пред интересите на граѓаните“, рече Стојчески.

Градоначалникот на Скопје, кои се основачи на ова јавно претпријатие изрази незадоволство и посочи дека и тие имаат забелешки на ЈП „Водовод и Канализација“. Трајановски рече дека состојбата е подобрена, но не доволно.

„Водовод треба да обрне внимание на прекопите и на враќање во првобитна состојба. Тие не работат ниту за градот, ниту за општина Центар, туку за граѓаните. И ние, како Град Скопје, ќе го тужиме ЈП “Водовод и Канализација“ доколку не ги враќа во првобитна состојба улиците кои ги прекопува за отстранување на дефекти или поставување нови приклучоци“, рече Трајановски.

Со правилникот, ред почетокот на постапката за приклучоци на објекти на водоводна, канализациона, електрична, телефонска и друг вид на инсталација за која е неопходно прекопување на улици или тротоари, инвеститорот е должен да добие согласност од општина Центар.

Нема да биде дозволено како досега, по завршување на работата да се оставаат несанирани дупки или прекриени и закамуфлирани со малку песок. Инвеститорот ќе биде должен јавната површина да ја врати во првобитната состојба.

За новите улици со старост до 5 години се испитува можноста да се избегнат прекопите, со тоа што приклучокот би се извел со подземно бушење. Доколку ова е технички неизводливо, по прекопот улицата мора да се санира со тоа што ќе се врати во првобитна состојба минимум по 20 метри од левата и десната страна на прекопот по цела ширина на улицата.

На улиците со старост од 5 – 10 години враќањето во првобитната состојба е минимум 15 метри, а за оние со старост до 15 години ќе биде неопходно враќање во првобитна состојба по 10 метри од лева и од десна страна и за оние над 15 годишна старост – минимумот е 5 метри.

Доколку се прекопува тротоар тогаш инвеститорот ќе биде должен да го врати во првобитна состојба по цела ширина, а во должина – 10 метри лево и десно од прекопот.

Надоместот за поставување, реконструкција на инсталации во трупот на патот и патниот појас на улиците и тротоарите во надлежност на општина Центар изнесува 8% со вклучен ДДВ од вредноста на изградените градежни работи.

Инвеститорот или барателот за да добие одобрение за вршење прекоп треба да поднесе барање со детална пресметка за градежната работа, точната адреса, должината на прекопот, времетраење на градежните активности и потребен период за санација, но не подолг од 10 дена.

Инвеститорот и барателот мора да достават банкова гаранција во износ од 150% од пресметаната вредност потребна за санација.

Би можело да ве интересира

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето

Невремето остави хаос во Тетово, се санираат штети и во Скопје

Катерина Ѓуровски