Бездомниците во Ватикан наскоро освен што добиваат донации во пари од дарежливи минувачи, ќе можат да се тушираат на јавни простори, соопштија италијанските медиуми.
Главниот папин делител на милостина, монсињор Конрад Крајевски, најави дека во јавните тоалети на плоштадот Свети Петар ќе бидат вградени три тушеви кои ќе можат да ги користат бездомниците.
Крајевски за сајтот „Ватикан инсајдер“ за италијанскиот весник „Стампа“ раскажа дека на таа идеа дошол кога го сретнал бездомникот Франко.
Во разговорот дознал дека тој ден му бил 50-от роденден, па Крајевски го поканил на вечера, но тој одбил затоа што, како што рекол, бил валкан.
– Сепак го однесов на вечера. Јадевме кинеска храна. Додека седевме на масата, тој напомена дека во Рим секогаш може да се најде нешто за јадење, но нема место каде човек би можел да се искапи, објасни монсињор.