Македонската радиотелевизија додека го чека крајниот резултат и деталниот извештај од МВР за истрагата во врска со случајот со измамата со телефонското гласање на Скопскиот фестивал ќе направи анализа на синоќешното гласање, по што дополнително ќе ја извести јавноста за своите идни постапки.
– МРТ како главен креатор и носител на македонската музичка сцена, со цел афирмација на македонската забавна и народна музика, излезе во пресрет на македонските граѓани и гласачи намалувајќи ја цената на СМС пораките на 5, 9 денари со вкалкулиран ДДВ и гласање од 1 телефонски број, со еден смс, за една композиција, со цел на легитимен начин да се изведе гласањето, се вели во денешното соопштение од МРТ.
Во него се додава дека Јавниот сервис, согласно своето долгогодишно искуство, како на домашна, така и на меѓународна сцена, по однос на организација и реализација на Фестивали од различен карактер, на најдоследен и најдоблесен начин им овозможил рамноправно учество на сите изведувачи на Фестивалот.
– Јавниот сервис ја поздравува превземената акција на МВР со цел откривање и јавно обелоденување на сите нелегитимни дејствија, организаирани од групи и поединци, кои се обидоа да фрлат сенка на Фестивалот и долги години, истите или сличните манупилираат со крајните резултати на фестивалите Република Македонија, се вели во денешното соопштение од МРТ.
Во него се додава дека покрај граѓаните, исто така и Јавниот Сервис сиве овие години бил заложник на ваквата организирана манипулација која создала негативна атмосфера и и нанела голем удар на македонската забавна и народна музика.