Љубе Бошкоски обвинет за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001-ва година, денеска пред судот во својот завршен збор рече дека има докази дека телефонски е договарана казната како за него така и за останатите обвинети во кафеана.
„Имам докази за телефонски разговор во кој се посочуваат висините на казните. Знаеме и места во Скопје, поточно една кафеана каде што се договарале казните, не само за мене, туку и за другите обвинети“, рече Љубе Бошкоски.
Во своето последно обраќање пред првостепениот суд посочи дека е смешно да побара ослободителна пресуда, знаејќи како работи судот-под диригентска палка на извршната власт, рече Бошкоски.
Бошкоски објасни дека со психијатриското вештачење кое го побарал за судијата Илија Трпков, немал намера да го навреди и омаловажи, туку само да му помогне за да ја води постапката согласно правните норми.
„Кога барав психијатриско вештачење за лицето И.Т. немав лоша намера. Сакав само да му помогнам да си ја отвори душата и да каже за ненормалните појави во судскиот систем“, рече Бошкоски.
Екс министерот за вантрешни зборуваше и за пропустите во повторената постапка и за неисполнувањето на забелешките од како Апелација ја укина првата пресуда и ја врати повторно во првостепена постапка.
Според Бошкоски недозволиво е судот да не знае дека двајца од четворицата првообвинети живееат во Босна.
Поради сите овие недостатоци кои според Бошкоски би го смениле текот на постапката а судот не ги земал предвид, на судијата Илија Трпков му порача да започне и да ја спрема својата одбрана за злоупотреба на службената должност.
„Некој како Илија Трпков си земал за право да постапува без да размислува за последиците. Со водењето на постапката против мене тој си го пишува обвинението против себе за злоупотреба на службената должност и овластување“, рече Љубе Бошкоски.
Бошкоски заврши со излагањето без да побара ослободителна пресуда, објснувајќи дека од циркус тоа не може да го добие.
„Не давам завршен збор. Не мислам да барам ослободителна пресуда од вакво тело а тоа би било и комично да го барам од лицето И.Т. Не може да ме ослободи лице кое треба да се припрема за обвинението кое сам си го пишува и мора да се подготвува за истото“, рече Бошкоски.