Покривот на велешката Спомен костурница деновиве повторно прокиснува.
Во декември минатата година се санираше покривот на Спомен-костурницата од НОВ во Велес. Тоа беше прва фаза од поправката на покривната конструкција бидејќи прокиснуваше и го оштетуваше мозаикот во внатрешноста на објектот, дело на Петар Мазев. Со неа привремено се запре оштетувањето на внатрешноста на Спомен костурницата и мозаикот. Работите ги изведуваше фирмата „Синтекс“ преку Националниот конзерваторски центар од Скопје, со средства од Министерството за култура.
Но, втората фаза, хидроизлолација за целосна заштита на Спомен костурницата најавена за изминатата пролет годинава не се изведе, а поради тоа сега покривот повторно прокиснува и е загрозен мозаикот на Петар Мазев.
Марин Клифов од Народниот музеј од Велес кој управува со Спомен костурницата изјави дека за оваа втора фаза од санацијата ги очекуваат најавените средства од Министерството за култура и дека потоа санацијата веднаш ќе биде изведена.
Мозаикот на Мазев е најголем во земјава со површина од 220 квадратни метри. Тој претставува композиција од пет слики преку кои авторот ја прикажува македонската епопеја од турското ропство, преку Илинденското востание, Балканските војни, па се до НОВ, а направен е од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои.
Спомен-костурницатаво Велес е изградена пред 35 години, во 1979 година и е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и на архитектот Саво Суботин од Нови Сад, Војводина. Во специјален простор во неа се чуваат и посмртните останки 87 загинати борци од Велес и велешко од НОВ, меѓу нив и на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Спомен-костурницата во Велес беше санирана во 2003 година за што беа потрошени 100 илјади евра обезбедени преку Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а изведувач на работите беше Градежниот институт од Скопје. Но не цела година потоа, покривот повторно прокисна. Иако гаранцијата на изведувачките работи беше две години, изведувачот по реакциите од Народниот Музеј од Велес за неквалитетно извршена работа не интервенираше.