Адвокатскиот тим на Љубе Бошкоски побара ослободителна пресуда од судот. Пред судскиот совет предложија докази со кои тврдат дека нема основа за кривично гонење на екс министерот за внатрешни работи за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001-ва година.
Адвокатот на Бошкоски, Дончо Наков пред судот праша како можел неговиот клиент да помогне околу организирањето на бегството на извршителите.
„Како може Љубе Бошкоски да помогнал бегство кога во 2001-ва година, кога границата ја обезбедуваше војската, а не полицијата“, рече Наков.
Адвокатот Кратовалиев се надева на ослободителна пресуда. Смета дека одбраната во повторениот процес пред првостепениот суд аргументиралa со многу јаки докази, а обвинителството останало на ставот дека обвинението го темелат на вербални докази.
„Процесно правно овој предмет требал да падне. Оној дел на умислата на кој што се повикува второстепениот суд во своето решение каде практично ја укинува пресудата, докажавме дека кај господинот Бошкоски воопшто не била присутна во однос на извршителите. Тоа значи дека членот 123 со кој што се поврзува Бошкоски отпаѓа, бидејќи сите дејствија ако постоеле спрема обвинетиот Орце Коруновски кој е поттикнувач. Дури и да има иста пресуда по жалбени барања стигнува до Апелација, а тоа значи дека првостепениот суд не ја научил лекцијата, односно дека нема правен капацитет. Во тој случај предметот ќе го земе Апелација и доколу е доследна на своите ставови изнесени во решението, самата може мериторно да ја смени пресудата и таа да донесе ослободителна пресуда“, рече Константин Кратовалиев.
Адвокатите на обвинетите во „Ровер“ се поажалија дека судот не дозволил повторно да се повикаат сведоците на чии изјави се темели пресудата на повторно сведочење оти исказ ќе давале пред нов судски совет.
Адвокатот Гоце Штерјовски смета дека судот не понудил ништо ново. Оние припадници на МВР кои биле обвинети станале сведоци.
„Јас очекувам ослободителна пресуда на сите обвинети. Премногу се слаби доказите. За ваков предмет треба да имате сериозно цврсти докази за да донесете осудителна осуда. Доколку нема ослободителна пресуда, од Апелациониот суд овој пат ќе бараме мериторно да одлучи“, рече Штерјовски.
Денеска пред судот завршен збор не даде Љубе Бошкоски кој бараше одлагање. Судијата процесот го закажа за во четврток.