Најмалку 48 ученици загинаа во денешната експлозија на бомба во средно училиште во градот Потискум, североисточна Нигерија.
– Бомбата експлодирала за време на утринскиот собир на учениците, пред почетокот на наставата. Експлозијата погоди многу ученици, но не можам да кажам колку, бидејќи сега ги евакуираме жртвите во болница која е оддалечена само сто метри, изјави еден наставник.
Учениците од Општо-научното средно училиште во Потискум, во нигериската сојузна држава Јобе истакнаа дека ооколу 2.000 ученици присуствувале на утринскиот собир кога експлодирала бомбата во ходникот. Најверојатно бомбата била внесена во ранец.
Се уште никој не презеде одговорност за нападот, но терористичките напади во северна Нигерија, најчесто се дело на исламистичката група Боко Харам, која пет години се бори против централните власти.