Враќањето на Воислав Шешељ од Хаг во Белград не може да ја дестабилизира Србија, изјави министерот за надворешни работи и прв потпретседател на Владата на Србија, Ивица Дачиќ во интервју за хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
– Некој кој е 11 години во притвор без пресуда не може да биде, барем не повеќе, политичко прашање за Србија. Тој денес е само хуманитарен проблем, посочи Дачиќ.
На прашањето зошто Србија се уште нема именувано свој амбасадор во Хрватска, Дачиќ наведе дека наследил состојба во која нема амбасадор во десетина амбасади ширум светот, меѓу кои и во САД, во Кина, во Германија и во Загреб.
– Целта на српските власти е до Нова година да ги именуваат сите амбасадори, меѓу кои и амбасадор во Хрватска и генерален конзул во Риека, истакна Дачиќ.
Шефот на српската дипломатија наведе и дека од посетата на Хрватска очекува односите меѓу двете земји да се градат рационално и да „се препознаат меѓусебните интереси“.
Дачиќ одговарајќи на прашањата за посетата на Путин на Србија потенцира дека Белград „не ги помешал своите приоритети и оти Европската унија е на прво место“. Тој додаде и дека Србија не е во можност да воведе санкции кон големите држави како Русија.
– Со оглед на одлуката на ЕУ пет години да го замрзне приемот на нови членки, нашиот пат кон ЕУ секако нема да биде брз. Тоа што може да биде брзо е исполнување на сите обврски кои ги носи процесот на приклучување, вклучително и процесот на усогласување на нашата надворешна политика со европската. Тоа не значи дека Србија која е економски и енергетски поврзана со Русија требад а биде во тоа што денес е односот на Европа кон Русија. Ние во тоа сме и треба да бидеме последни, водејќи сметка за нашите национални и економски интереси, а не за туѓите, истакна Дачиќ за „Јутарњи лист“.
Дачиќ посочи и дека Србија го признава територијалниот интегритет на Украина, додавајќи оти треба да се искористат искуствата од преговорите со Приштина при изнаоѓање на компромиси и решенија.