Од 6 до 8 ноември 2014 година, во Спортската сала Борис Трајковски, по повод одбележувањето на празникот 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје ќе се одржи традиционалниот 44 по ред меѓународен турнир „ЗЛАТЕН ГОНГ 2014“.
Градот Скопје, заедно со Агенцијата за млади и спорт на РМ, е покровител на турнирот, во соработка со Сојузот на Спортските федерации на Република Македонија и секако со главниот организатор, Боксерската федерација на РМ ја реализира оваа манифестација којашто е една од најстарите спортски настани во Република Македонија. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски го прогласи меѓународниот турнир „Златен гонг 2014“ за отворен.
– Денес ја имам честа и големото задоволство, како Градоначалник на Град Скопје, да ве поздравам сите вас и да ви пожелам спортско добредојде на 44 традиционална меѓународна боксерска манифестација „Златен Гонг“. Првиот турнир „Златен гонг“ започна пред 44 години во чест на ослободувањето на Скопје, а овој 13-ти Ноември одбележуваме 70 години од ослободувањето на Скопје. Градот Скопје, заедно со Агенцијата за млади и спорт на РМ, е постојаниот покровител на турнирот. На сите натпреварувачи и стручни тимови од земјите гости (Англија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Романија), како и на македонските боксери, им пожелувам срдечно добредојде, добра забава, фер-плеј натпревари, многу среќа и умешност, секако, со спортското мото – нека победат најдобрите – истакна градоначалникот Трајановски.
На годинешното издание на „ЗЛАТЕН ГОНГ“ ќе учествуваат околу 50 натпреварувачи од 11 земји, односно боксери од: Англија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Романија и Македонија.
Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“, во малата сала, се одржуваат полуфиналните натпревари, а утре /08.11.2014 година, сабота/ во 11 часот ќе започнат финалните борби.