Пред два дена Министерството за здравство ја креираше фејсбук страницата „Здрава бременост“ која има околу 5.000 следбеници што значи предизвика голем интерес пред се кај женската популација односно кај идните мајки.
Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега. Според неа, фејсбук страницата има посебно значење во подигнувањето на свеста кај женската популација односно кај идните мајки за значењето на антенаталната грижа што значи грижа за бременоста на трудниците преку правење контроли кај својот матичен гинеколог, а ако е потребно и на повисоко ниво.
– Најчесто поставувани прашање од идните мајки се: кои ултразвучни прегледи се потребни во текот на една бременост, кои се најзначајни скрининзи кои треба да ги направат во однос на ултразвучни скрининзи во прв и втор триместар за рано откривање на малформации кај плодот, за рано детектирање за ризикот за носење на плод со хромозомопатии, како што е плод со даунов синдром, скрининзи за откривање гестациски дијабетес, за рано откривање хипертензија…, нагласи Хаџи Лега на прес-конференција во Министерството за здравство на која беа презентирани бенефитите од функционирање на повикувачкиот центар „Ало Докторе“.
Таа рече дека на Фејсбук страницата „Здрава бременост“ се реафирмира Мајчината книшка, која секој матичен гинеколог е должен да ја пополни и издаде при констатирана бременост, а се споделуваат и совети од брошурата за здрава бременост (која се дава во прилог на Мајчината книшка), како и од Упатството за антенатална грижа. Појасни дека ваквата комуникација ги подготвува идните мајки за прегледите или испитувањата кои треба да ги извршат, така што кога ќе се обратат на лекар ќе бидат поподготвени и ќе се намали нивното евентуално чувство на стрес или неизвесност.
– Го поздравувам ваквиот чекор на Министерството за здравство и ги охрабрувам идните мајки слободно да се обратат за потребни информации и совети на нашата фејсбук страница на која одговорите ќе ги даваат лекари од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, додаде Хаџи Лега.