„Од бројните врски кои ги поврзуваат татковината и дијаспората, најголема е љубовта кон нашата заедничка татковина. Верувам дека токму таа љубов е причина повеќе да бидеме единствени, сплотени и сложни во заложбите за напредна, богата и просперитетна Република Македонија. Желбата за европска и евроатланска Македонија ги обединува не само граѓаните на Република Македонија туку и нашите браќа и сестри од целиот свет. Само така ќе го исполниме сонот на нашите предци за слобода, правда и човечко достоинство. Да се обединиме околу мотото – каква Македонија ќе создадеме таква и ќе имаме. А сакаме да имаме богата, напредна, европска и просперитетна Македонија“, изјави претседателот Иванов, на средбата со иселениците во Њу Џерси.
На средбата, покрај голем број Македонци од Њу Џерси, присуствуваа и политичари од оваа држава.
Конгресменот Бил Паскрел, долгогодишен поддржувач на Македонија, одржа говор во кој силно се заложи за македонското членство во НАТО.
„Ние како држава немаме право, и Обединетите нации немаат право да ви кажуваат на вас, ниту на било која друга нација, како да се нарекувате самите себеси. Многупати сум зборувал со државниот секретар Хилари Клинтон, мојата добра пријателка, за ова. Сум зборувал со поранешни претседатели, и демократи и републиканци, и не попуштаме од тоа Македонија да биде суверена и независна држава засекогаш и дека нема никаква причина никој да го попречува членството во НАТО. Нашата борба не е да се уништи непријателот, туку непријателот да стане пријател“, изјави конгресменот Паскрел.
Тој најави поддршка и за менување на законите за доселување во САД, со цел да им се овозможи на сите доселеници, вклучително и македонските, полесно да дојдат во Америка, и да се поврзат со своите семејства.