Портпаролот на грчката Влада Софија Вултепси ја отфрли можноста за предвремени избори следната година, јави дописникот на МИА од Атина.
– Во март нема да имаме избори, претседател на Републиката ќе биде избран. Пратениците ќе одлучат со чувство на одговорност, рече таа.
Коментирајќи ги предлозите на лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, Вултепси истакна дека некој кој бара средба на „советот на лидерите на политичките партии“ не може да ги постави предусловите, бидејќи тогаш нема да има потреба од каква било дискусија, ниту простор за постигнување разбирање.
– Затоа што Ципрас побара нешто специфично: да се состанат лидерите на политичките партии со цел да се одреди датум за избори. Владата го одбива ова, бидејќи на земјата сега не и требаат избори, изјави владиниот портпарол.
Според неа, Владата „треба стабилно да напредува кон излез од меморандумот и кон создавање на своја програма, која ќе и овозможи да се придвижи со малку флексибилност, но без создавање на нови долгови и нови дефицити“.
– Ниту Владата ниту премиерот нема да прифатат ултиматуми, истакна Вултепси.