Со Свечена акадамија во хотелот „Александар палас“, и со многу гости, вчеравечер, Општина Карпош го одбележа својот 38 роденден.
Во присуство на претставници од збратимените општини, Сремски Карловци, Нови Београд, Триадица-Софија, Врњачка бања, Травник и Тиват, како и од Градот Скопје, предводени од градоначалникот Коце Трајановски, други видни лица од општествениот и бизнис секторот, како и вработени од општинската администрација, Денот на Општината беше прославен во духот на традицијата, со пригодна манифестација и забава.
И оваа година, вообичаено беше прогласен заслужен граѓанин на Општина Карпош за 2014 година, кошаркарската легенда и „стар карпошовец“, Митко Луковски, на кого градоначалникот Стевчо Јакимовски му врачи пригодна плакета. Вечерта со свои точки ја збогатија Хорот на Македонската опера и балет, карпошовите таленти Ања Давитковска, Марија Јанчевска и Матеј Ивановски, етно-групата „Монистра“ и српскиот пејач на народна музика Маринко Роквиќ.
Обраќајќи се пред присутните со пригоден говор, првиот човек на Карпош Јакимовски рече: „3-ти ноември, за нас карпошани е голем ден. Не само што е роденден на Општината, туку е повод секоја година да се обѕрнеме наназад, што досега сме сториле и што треба натаму да сработиме. За Карпош најплодотворен период беше по земјотресот, односно далечната 1963-1964 година, кога тој почна да се гради од темел, но, од 2000-та година тој доживува вистинска ренесанса. Посебно афирамативен период во развојот на нашата општина се последните пет години, при што се трудиме секоја година да оставиме по некој белег, нешто оригинално, нешто трајно. Годинава тоа беше плоштадот во Влае наречен „Делфина“, долг кој го имавме кон една наша заслужна граѓанка и врвен спортист – Атина Бојаџи.
Говорејќи за натамошните визии за Карпош, Јакимовски рече дека ќе се работи на целосна гасификација на општината, изградба на нови енергетски ефикасни згради, нови покриви, нови градинки, средени паркови. Карпош треба да продолжи да биде посакувана дестинација за инвеститорите, зашто ако не заборават тие, ќе запре и развојот на општината. Тој ги најави и очекуваните проекти како армиските станови, проектот „Алумина“, седиштето на „Про-кредит“ банка, да се отворат нови приватни болници и да почне изградбата на нови станбени објекти.
Јакимовски нагласи дека и покрај периодичните проблеми со кои, како и сите други, се соочува Општината, Карпош во ниту еден момент нема да отстапи од поддршката на социјално загрозените, од поддршката на талентираните ученици, од поддршката на спортистите, од бесплатните ужинки, екскурзии. Карпош бил и ќе биде пример на општина по терк на најстрогите критичари, дури и за оние со најистенчен вкус“, рече во своето роденденско обраќање градоначалникот Јакимовски.