Шиитските бунтовници во Јемен и нивните политички противници синоќа се согласиле за формирање технократска влада, со цел да се реши тешката политичка криза во земјата.
Договорот е потпишан од главните политички сили во присуство на пратеникот на ОН во Јемен, Џамал Беномар.
Претставници на движењето на шиитските бунтовници „Ансарулах“ и на нивните противници, меѓу кои исламистичката сунитска партија „Ислах“, го потпишале документот, со кој им даваат мандат на претседателот Абд Рабу Мансур Хади и на премиерот Халед Бахах да формираат „компетентна национална влада“. Согласно договорот партиите се обврзуваат да го поддржат тој кабинет.
Во изјавата не се споменува кога ќе биде составена новата влада, но неколку партии, кои учествувале во преговорите, соопштија дека тоа ќе се случи за неколку дена или една недела.