Европската комисија ги истражува тврдењата за корупција во ЕУЛЕКС, но ги отфрла обвинувањата дека припадници на правосудната мисија малтретирале новинари, изјави денеска Маја Коцијанчич, портпарол на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.
– Многу сериозно ги прифаќаме наводите за корупција, истакна Коцијанчич, додавајќи дека шефот на Канцеларијата за цивилно планирање и одговорност на владеењето денеска отпатувал во Приштина, а високата претставничка моментно разгледува преземање натамошни чекори.
Таа демантираше дека членови на мисијата му се заканувале на новинар од приштинскиот весник „Коха диторе“, кој објави повеќе текстови за корупција во раководството на ЕУЛЕКС, дека ќе биде кривично гонет доколку не ги повлече.
– Ние не вршиме притисок врз новинари, нагласи портпаролката, тврдејќи дека разговорот меѓу службениците на ЕУЛЕКС и новинарот се одвивал „во добра атмосфера, без закани“.
Коцијанчич не сакаше да го коментира барањето на пратеничката на Зелените и потпретседателка на ЕП, Улрике Луначек за формирање независно тело за истрага на наводите на „Коха Диторе“ и суспендираната тужителка на ЕУЛЕКС, Мари Бами.