Електрични автомобили, робо град, вселенски згради и згради во вид на овошје, фонтани на врвот од зградите, се мал дел од креативните идеи на основците за изгледот на општина Карпош по 20 години.
Во организација на општина Карпош, во рамките на манифестацијата „Денови на Општината“, денеска, во дворот на ООУ „Лазо Трповски“, времено се „закопа“ замислената иднина на општина Карпош, претставена преку цртежите на учениците од десетте основни училишта.
„Временската капсула“ е креативниот наслов на оваа манифестација и во неа, прераскажана преку уметнички цртежи на основците, се сублимирани визиите за тоа како тие ја гледаат својата Општина во иднина, односно по две децении од денешниот датум.
Истатиот датум, но во 2034 година, капсулата ќе се отвори и тогаш ќе се утврди „иднината“ на Општината и чија идеја била најблиску до тогашниот изглед на Карпош. Координаторот на проектот, Роберт Јанковски, кој е советник за соработка со меѓународни и невладини организации при општина Карпош, им заблагодари на сите ученици кои беа дел од реализацијата на “Временската капсула“.
-„Временската капсула“ ја закопавме во земјата во ООУ „Лазо Трповски“ со дата на отворање по 20 години од денешен датум и децата кои работеле на овој проект по 20 години ќе се соберат повторно и ќе видат до каде дошле и колку нивните идеи се реализирале од она што тие го замислиле – рече Јанковски.
Претседателот на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски ја поздрави оваа идеа и посака замислените идеи на учениците да почнат и да се остваруваат.
-„Временската капсула“ и сите оние цртежи што ги креираа основците ги ставивме во земја, а по две децении ќе ја отвориме и ќе видиме што понатаму, што замислиле и што се остварило. Тие имаат прекрасни идеи, заеднички ги разгледавме цртежите и се надевам дека многу од овие работи ќе бидат остварени – заврши Лазаровски.
Во холот на ООУ „Лазо Трповски“, каде беа поставени цртежите кои беа складирани во „Временската капсула“, помошник раководителот на секторот за дејности од јавен интерес, Гордана Зафировска, им ги подели благодарниците на учениците-учесниците на ликовниот перформанс изработен на картон кој се одвиваше во текот на манифестацијата „Денови на општина Карпош“.