Трибина за предизвиците и можностите на екстерното тестирање на студентите

Од:

Нашиот високообразовен систем е квалитетен, но сепак е потребно да се надградува и да биде во чекор со светските образовни трендови. Еднаш поставените стандарди не значи дека не треба да се менуваат. Ваква реформа одамна се спроведува во повеќе земји во светот кои водат сметка за квалитетот на високото образование, истакна министерот Абдилаќим Адеми на трибината „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“ што денеска ја организираше НВО  „Европски центар СН 7“.

– Иницијативата е базирана на искуства и доколку се реализира во никој случај не би ја загрозила автономијата на универзитетите, туку ќе биде во полза на сите, рече Адеми, кој ја прифатил поканата да присуствува на дебата за, како што рече, да слушне од студентите предлози и сугестии каков модел на проверка би бил најсоодветен за македонскиот образовен систем.

Претставниците на Младинскиот образовен форум (МОФ) имаа забелешки за оправданоста на ваква мерка и сметаат дека мотивите за нејзино воведување се конфузни. Според нив, најпрво треба да се утврди точно проблемот на опаднатиот квалитет во високото образование, а потоа да се понудат повеќе решенија. Сметаат дека со оваа идеја не се земени други фактори кои можеби придонеле за лошиот квалитет, како несоодветен кадар, несоодветно избрана литература, инфраструктура…и дека студентот ќе биде единствен кој ќе го понесе товарот за неуспешноста на системот.

Посочија и дека веќе постои законски изграден систем за проверка на квалитетот преку Одборот за акредитација и евалуација, но не функционира.

– Одборот нема своја веб-страница на која, според Правилникот за неговата работа, е должен да објавува документи и акти, извештаи од резултати од спроведена надворешна евалуација, извештаи од сопствената самоевалуација и, она што би сакала да го видам како документ но не е достапен –  сумарен извештај за спроведените надворешни евалуации со цел да се презентира општата состојба на системот на високото образование и да се дадат насоки за негово унапредување. Во тој документ, според моја претпоставка, треба да бидат сумирани резултати од надворешната евалуација, да се утврди каде имаме проблем со одржување на квалитетот и врз основа на тие состојби утврдени на терен да се дадат препораки како да се унапреди квалитетот на високото образование, рече Марија Мирчевска од МОФ.

Министерот потврди дека во Законот за високо образование постојат механизми за проверка на квалитетот и дека тоа е обврска на Одборот за акредитација и евалуација но, рече тој, тие одредби засега не се имплементираат.

– МОН и Владата го увидоа тоа и токму затоа излегоа со ваква идеја со измени и дополнувања во Законот за високо образование да се воведат нови механизми, а некои од актуелните решенија можеби би се укинале. Некои од новите механизми може да бидат државен испит, надворешна евалуација или друг вид евалуација. Доколку одлучиме за државен испит, секако дека тој ќе биде добро разработен, пред се врз основа на програмата која е акредитирана од Одборот за акредитација и евалуација. Прашањата би биле од тоа што е веќе акредитирано, а не нешто ново или непознато за студентите. Тоа што го поминале низ четири години на испитите, тоа ќе бидат прашања на државниот испит. Но сега зборуваме хипотетички, а не конкретно, рече Адеми.

Во дискусијата различни беа ставовите на професори од приватните и од државните универзитети. Арбен Кадриу од Меѓународниот универзитет Струга рече дека не е против екстерна проверка доколку таа донесе резултати во квалитетот но, додаде, тоа да биде последниот механизам. Според него, реформите треба да се фоксуираат на средното образование.

– Проблемот не е само кај приватните универзитети. Во јавноста се добива впечаток дека приватните се канцерот на високото образование. На приватните факултети студираат до 10 отсто студенти и не може тие да се виновни за дегенерирање на целиот образовен систем. Никој не сака да има лоши студенти во своите редови. Нема добри и лоши, туку добри и најдобри универзитети, рече Кадриу.

Агим Нухиу од Државниот универзитет-Тетово, пак, ја поздрави иницијативата на МОН зашто, како што рече, ќе се постигне унифицирано вреднување на знаењето на студентите и тие формално ќе бидат еднакви.

– Ќе се зачува кредибилитетот и на наставниците, но и на студентите кога ќе се соочат со пазарот на трудот, додаде Нухиу.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски