Обединетите нации и Европската унија предупредија дека изборите во украинските региони Доњецк и Луганск, кои проруските сили ги закажаа за 2 ноември, можат да претставуваат препрека за мировниот процес во таа земја.
Во меѓувреме претставници на прорурските сили апелираа да се излезе на гласање преку Интернет.
– Гласањето во Доњецк и Луганск сериозно ќе го загрози протоколот и меморандумот од Минск, кој итно и во потполност треба да се спроведат во пракса, изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, укажувајќи на мировната спогодба, која Киев и претставници на проруските сили ја потпишаа на 5 септември.
Украинскиот претседател Петро Порошенко разговарал телефонски за спорните избори со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, а ЕУ ја осудила намерата на Москва да го признае нивното одржување.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави вчера дека Русија планира да ги признае резултатите од изборите, кои следниот викенд ќе ги организираат проруските сили во источна Украина.
Проруските сили планираа во недела на 2 ноември во Доњецк и Луганската област да одржат претседателски и парламентарни избори, откако ги бојкотираа изборите одржани во останатиот дел од Украина, во неделата на 26 октомври.