Белгиските дипломати повеќе не можат слободно да користат Интернет и да посетуваат веб страници по своја проценка, јавија локални медиуми.
Мерката е наложена со одлука на раководството и техничките експерти на Министерството за надворешни работи, откако во мај информативниот систем на институцијата беше зафатен од вирус.
До неодамна службениците на Министерството немале пристап до електронската пошта преку своите паметни телефони и таблети, поради воведените ограничувања.
Неодамна таа мерка била укината за корисниците на постари модели на уреди.
Министерството изготвило „бел список“ на сајтови, кои дипломатите можат да ги посетуваат. Досега се користеше „црн список“ на страници, кои се забранети за користење. Дипломатите имаат можност да побараат од техничарите кон „белиот список“ да бидат додадени нови сајтови.
За случајот за упад во системот на белгиското МНР се води истрага, која не е завршена. Претходно оваа година вируси ги зафатија мрежите на Министерството за одбрана и на најголемот телекомуникациски оператор во Белгија.