Пакистанката Малала Јусафзаи, која се бори за заштита на правото на образование на децата, ја доби Наградата на децата во светот (World’s Children Prize), која е позната и како детска Нобелова награда, јави ДПА.
Седумнаесетгодишната Малала беше избрана за добитничка на наградата за заштита на правата на децата со гласање на околу два милиони ученици во светот, соопштија организаторите.
– Ова ми помогна да ја продолжам кампањата за обезбедување на образование за девојчињата и за секое дете, изјави таа преку видеоврска.
Наградата ќе и биде врачена утре од шведската кралица Сивија. Како победник Малала добива 50 илјади долари, а другите двајца наградени, Американецот Џош Уд и Непалката Индира Ранамагар добиваат по 25 илјади долари.
Тројцата добитници се избрани од детско жири, кое вклучува претставници од 14 држави.
Уд е основач на добротворната организација „Соба за читање“, која во изминатите 15 години обезбедила книги и училиште за околу десет милиони деца.
Ранамагар се бори за правото на образование на децата на затворениците.
Претходно овој месец Малала беше прогласена за добитничка на Нобеловата награда за мир.