Во рамките на „Денови на општина Карпош“, пред многубројната публика, авторот Цветан Гавровски ја претстави својата изложба на арт-фотографија.
По повод 38-от роденден на Општината, љубителите на уметноста и креативната фотографија, воодушевени од фото-галеријата задоволно ја напуштија Кинотеката на Македонија. При посетите на голем број држави од целиот свет, Цветан неуморно ги фотографирал највпечатливите моменти во околината, а оваа изложба се вбројува во неговата низа на изложбени галерии низ целиот свет.
Добитник е на бројни значајни награди за фотографија на домашни и меѓународни изложби.
-Изложбата е насловена „Очи широко отворени“, и добар дел од фотографиите сум ги направил со широко отворени очи. Еден познат фотограф има речено:„За да биде фотографијата добра, треба да бидете блиску до мотивот“. Се надевам дека во добар дел од овие фотографии сум бил доволно близок. – рече мајсторот на македонската фотографија, Гавровски.
Изложбата ја збогати Мартина Костова, професор по етно пеење во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“.
На изложбата присуствуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, претседателот на Комисијата за култура при Советот на општина Карпош, Горан Михајлов, помошник раководителот на Секторот за дејности од јавен интерес, Гордана Зафировска и раководителот на Одделението за спорт и култура Патрик Поповски.