Минималната плата е историски успех, иако не е висока. Сепак, таа се зголемува побрзо отколку што растат трошоците за живот, вели претседателот на ССМ Живко Митровски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Законот за работни односи во последниве години претрпе многу измени, кои според критичарите ги кратат работничките права. Колку честите интервенции во законот се показател дека правата на работниците не се доволно заштитени?
Во принцип веднаш да кажам дека не би се сложил дека се кратат работничките права, бидејќи ако направиме анализа, фактички имаме драстично подобрување на работничките права со овие измени кои беа неколку пати направени, така што мислам дека не се аргументирани тие настапи на одредени критичари.
Ако, како што велите, има подобрување на работничките права зошто тогаш, како што и самиот имате изјавено, се зголемени жалбите за прекршување на работничките права во минатата година во однос на 2012?
Немаме кажано дека се зголемени бројките, туку се намалени.
Но 3.633 работници во минатата година се пожалиле дека им се прекршуваат работничките права што е зголемување за 844 жалби во однос на 2012?
Значи, не знам кои параметри се гледаат, дали вкупните параметри или од она што значи добивање на спорови или прикажување по однос на грански синдикати. Значи, од 2012 година па наваму бележиме пад на бројот на пријавувани повреди на работни односи или повреди кои биле предизвикани од страна на работодавачите. Од друга страна, ако ги земете параметрите дека имаме драстично подобрување и на добивање на работните спорови, во тој случај јасна е позицијата дека голем дел од дилемите и прашања кои биле предмет на спор, сега ги решаваме, со оглед на тоа што направивме дел од измените во Законот за работни односи, и тоа е јасен показател дека сме на добар пат да ги унапредуваме работничките права.