Македонските власти мора да осигураaт дека сите „апсурдни“ обвиненија против новинарот Томислав Кежаровски се отфрлени, со што правото и слободата на изразување ќе добијат на тежина.
Ова е ставот на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) и Европската федерација на новинари (ЕФЈ) пред објавувањето на пресудата на Апелациониот суд во петок, 24 октомври, за случајот Кежаровски.
-Томислав Кежаровски е неправедно казнет за бранење на својата професија и заштитата на своите извори“, рече претседателот на Федерацијата, Џим Бумела, кој го посети Томислав и неговото семејство во март за да ја пренесе солидарноста на Федерацијата од целиот свет.
-Бараме правдата да се спроведе и Томислав може да излезе од овој кошмар како слободен човек. Во 2013 година, Судот во Скопје го осуди Кежаровски на 4,5 години затвор за одбивање да ги открие имињата на изворите кои тој ги користел за да напише серија истражувачки текстови за списанието „Репортер 92“.
Во текстовите, Кежаровски рече дека еден заштитен сведок дал лажна изјава во случај на убиство. Кога беше повикан да сведочи во судот, судија во случајот му нареди да го именува својот извор. Тој одби да го открие идентитетот на неговиот извор. Поради ова, новинарот помина скоро половина година во затворска ќелија од осум квадратни метри, со три други затвореници, со само мал прозорец и тоалет. Оттогаш тој е во домашен притвор пет месеци, невработен е и живее во многу тешки услови.
Заедничка делегација на Меѓународната Федерација на новинари и на Еврпската Федерција на новинари во текот на месецот ќе има средба со Андреј Лепавцов, амбасадорот на Македонија во Европската Унија, со цел да се дискутира за случајот Кежаровски и поширокиот контекст на кршење на слободата на изразување.
Претседателот на Европската Федерација на новинари, Морген Бјерегард месецов го посети Кежаровски во неговиот дом во Скопје и извести за големи емоционални и финансиски проблеми што случајот ги имплицира врз новинарот и неговото семејство, особено поради фактот што се доближува датумот на одлуката на Судот.
-На 24 октомври ќе се одлучува дали тој ќе се врати во затвор или ќе замине од судницата како слободен човек. Како и да е, неговиот живот веќе никогаш нема да биде ист, рече претседателот на Еврпската Федерација на новинари.
-Тој ќе треба да најде нова работа како новинар во Македонија. Од неговото апсење, неговата сопруга исто така се соочи со проблем да најде работа, откога ќе го каже своето презиме.