Сириските воздухопловни сили уништиле два од трите авиони што екстремистите од групата Исламска држава минатата недела ги грабнаа и искористија за пробен лет над Алепо, соопшти сирискиот министер за информирање Омран ал-Зуби.
За сириската државна телевизија Ал-Зуби изјави дека владините сили ги гаѓале авионите при нивното спуштање на пистата во воздухопловната база Џара, во источниот дел од провинцијата Алепо.
Министерот додаде дека сириското Воено воздухопловство трага по третиот авион.
Сириските активисти во петокот соопштија дека екстремистите од ИД со три борбени авиони МиГ летеле над базата Џара, а во тоа им помогнале поранешни пилоти на ирачкото Воздухопловство.
Овие извештаи не можеа да бидат потврдени од независен извор.
Американски претставници соопштија дека не располагаат со информации дека екстремистите од ИД летале со авионите како поддршка на своите борци во Ирак и Сирија.