Дваесет тимови на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планираат да посетат 408 села и населени места во државата, а досега тие ги слушнале потребите на жителите од 252.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски посочи дека посетите се вршат за време на викендите и оти целта е исполнување на програмата и ветувањата со кои се избрани пратениците на последните избори. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, има зацртана цел да спроведува и пронајдува различни и нови методи за континуиран контакт со граѓаните.
– Нашата улога како Парламент е да ја следиме имплементацијата на законите, да донесуваме закони. Но, ја прифаќаме одговорноста за оние кои не ја прифатиле и прифаќаме одговорност Собранието да биде со целосна сила без разлика на тоа што десет, 20 или 30 луѓе не сакаат да ја прифатат таа одговорност, рече Димовски, одговарајќи на новинарско прашање дали во отсуство на опозицијата ја преземаат нивната улога во Парламентот.
Граѓаните се интересирале за различни прашања во зависност од регионот од кој што доаѓаат и тоа во земјоделските региони најчесто се прашања за земјоделство, за проблеми со откупот, поплави, невреме.
– Доста актуелно беше со болеста син јазик. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посебно во деловите од Источна Македонија силно алармираа за тој проблем и помогнаа да се забрзаат постапките за санирање на таа болест. Во другите делови има други прашања – инфраструктура, локални прашања, регионални патишта, водоводи, канализации, здравство…Различни се искуствата, изјави Димовски.
Некаде, додава тој, одиме директно да видиме имлементација на одредени проекти.
– Станува збор за извонредно искуство што нам ни дава поголемо чуство за реалните потреби на граѓаните. Нашата цел е да ги примиме тие прашања и да ги презентираме пред сите државни органи, посочи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ има 36 пратенички канцеларии во изборните единици во земјата и, според Димовски, како поминува времето луѓето се се поохрабрени да ги посетат. – Ако на почеток доаѓаа само наши поддржувачи, сега работите се менуваат и многу почесто доаѓаат граѓани кои не може да се каже дека се поврзани со нашата коалиција, туку граѓани со реални проблеми, рече Димовски.
Некогаш прашањата се само административни и често, додава, ги решаваме директно. Исто така голем дел од прашањата се однесуваат на локалните самоуправи.
Димовски демантира дека партијата се подготвува за предвремени парламентарни избори.
– Не, воопшто не се подготвуваме за предвремени парламентарни избори, ниту сме разговарале ниту сме размислувале за таа опција. Ова е активност со која што со години наназад одржуваме темпо на својата работа. Нам ни е целта да бидеме блиски со граѓаните. Како до сега уште повеќе од сега натаму, изјави координаторот на пратеничката група.
За време на седницата за пратенички прашања закажана за 30 октомври речиси сите прашања што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе им ги постават на премиерот и на министрите ќе бидат врз база на потребите што ги слушнале на терен од местата што се посетени.