Оскар Писториус осуден на пет години затвор

Од:

Јужноафриканскиот атлетичар Оскар Писториус е осуден денеска од судот во Преторија на пет години затвор,за убиство на својата девојка Рева Стенкамп.

Судијата Токазиле Масипа го казни параолимпиецот-спринтер Писториус и на три години затвор условно за употреба на огнено оружје.

Веднаш по изрекувањето на казната,Писториус беше префрлен во затвор.

Јавниот обвинител во својот завршен збор, побара од судот тој да биде осуден на најмалку 10 години затвор, додека одбраната бараше само три години домашен затвор и извршување на општествено корисна работа.

Писториус беше прогласен за виновен за ненамерно убиство на девојката, а не за смислено убиство, како што тоа тврдеше обвинителството.

Во февруари минатата година, познатиот светски атлетичар и спортски херој во Јужна Африка, Оскар Писториус ја уби својата девојка Стенкамп со три истрели, испукани низ затворената врата на бањата во неговата вила во луксусниот кварт на Преторија.

Полицијата и обвинителството тврдеа дека тој пукал намерно во неа, по „бучната расправија„ која ја слушнале соседите. Писториус меѓутоа и тогаш и во текот на судењето, тврдеше дека ја убил Стенкамп по грешка, погрешно мислејќи дека во бањата се крие провалник.

Судскиот процес почна во март оваа година и предизвика публицитет во целиот свет. Иако без двете нозе и трчајќи со специјални метални протези, Писториус беше првиот светски спортист кој во трката на 400 метри трчаше и на Олимпијадата и на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година.

Во првата трка не успеа да се пласира во финалето, но на параолимписките игри убедливо победи.

Рева Стенкамп беше манекенка и познат фотомодел во Јужна Африка, која се подготвуваше да биде адвокат. Трагичниот инцидент во вилата на Писториус во Преторија се случи на Свети Валентин, само неколку часови откако младата двојка се врати дома од прославата на празникот на вљубените.

Би можело да ве интересира

Оскар Писториус излегува на слобода

Катерина Ѓуровски

Писториус префрлен во друг затвор

Ана Ололовска

Можно условно ослободување за Оскар Писториус

Ана Ололовска

Писториус повреден во затворска тепачка

Ана Ололовска

За повеќе од двојно зголемена затворската казна за Писториус

Наум Локоски

Оскар Писториус се повредил во затворскаата ќелија

Емир Латифовиќ