Надворешни сили се инволвирани во студентските продемократски протести, кои зафатија делови на Хонг Конг, а траат повеќе од три недели, изјави главниот администратор на овој кинески автономен регион, Лајн Чунин.
Лајн, кој ја даде својата изјава пред почетокот на утрешните преговори со студентските лидери, првпат споменува надворешно мешање, повторувајќи ги обвиненијата на централната Влада во Пекинг. Меѓутоа, ниту тој, ниту Пекинг не приложиле докази за ваквите тврдења.
Хонгконгшката студентска федерација веднаш ги отфрли тврдењата, а нејзиниот генерален секретар Алекс Чоу истакна дека администраторот измислува.
– Тој е главен администратор, чиновникот кој носи одговорност. Ако дава такви обвинувања, тогаш очекуваме да приложи и докази. Не може да зборува без докази дека се вмешани надворешни сили, нагласи Чоу.
Демонстрантите не се согласуваат со одлуката на Пекинг да именува Комисија, која ќе ги одобрува кандидатите за парламентарните избори во 2017 година.
Во последните денови во текот на ноќта полицијата ги растерува студентите од некои улици, но тие се враќаат и продолжуваат со окупацијата. Десетици лица беа повредени во судири за време на викендот, меѓу кои и 22 полицајци, а четворица се уапсени поради напади.