Во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (TAIEX), а во соработка со Народниот правобранител, денеска и утре во Скопје, ќе се одржи регионална работилница за надзор над психијатриските установи, со цел заштита од тортура и лошо постапување .
Работилницата ќе ја отворат народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети и раководителот на Секторот за соработка од Делегацијата на Европската унија во Скопје, Мартин Клауцке.
На работилницата ќе учествуваат претставници на Европскиот комитет за превенција од тортура, претстваници на Националните превентивни механизми (НПМ) од земјите од регионот, како и психијатри кои соработуваат со НПМ тимовите.
Целта на работилницата е да им се помогне на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ, ефективно да ја спроведат Конвенцијата за заштита од тортура и нечовечки или понижувачки однос или казнување во психијатриските установи. Во фокус на настанот ќе бидат размената на гледишта и искуства, како и најдобрите пракси меѓу Националните превентивни механизми во ЕУ и во регионот.
Дискусијата ќе опфати повеќе аспекти за превенција од тортура и малтретирање: преглед на улогата што НПМ-от ја има во психијатриските установи како места за недоброволно лишување од слобода, методологија за спроведување посети, услови за живеење и третман, вработени, безбедност, како и задолжителните третмани што вклучуваат средства за ограничување.