Левоцентристичкиот градоначалник на Рим, Инацио Марино ја призна валидноста на 16 геј бракови, склучени надвор од Италија.
Церемонијата на регистрирање во Градското собрание вчера, која беше прва од ваков вид од Рим, предизвика гневна реакција од десноценстристичкиот министер за внатрешни работи и од Римокатоличката црква.
– Денес е прекрасен ден за борба за човековите права, истакна Марино, кој ги регистрираше браковите на 11 машки и шест женски парови, склучени во странство.
Иако геј браковите се незаконски во Италија, некои градови им дозволуваат на истополовите двојки, кои склучиле законски брак во други земји, да регистрираат граѓанска заедница во локалните власти по враќањето, како што можат да сторат и хетеросексуалните двојки кои стапиле во брак во странство.
Според Марино регистрациите се обични акти на граѓанското право, но префектурата на Рим реагираше, повикувајќи да бидат поништени како незаконски и невалидни според италијанските закони.
Марино беше поддржан од членови на левоценстристичката партија на премиерот Матео Ренци, според кои време е Италија да им даде легален статус на еднополовите бракови, н десницата оваа постапка ја оцени како смислена провокација.
Министерот за внатрешни работи, Анџелино Алфано од малата партија Нов центар-десно на Фејсбук објави дека геј бракови не се во согласност со италијанските закони.
Маурицио Гаспари, сенатор од опозициската партија на Берслускони, Форца Италија, изјави дека Марино го прекршува законот и оти треба да поднесе оставка.