Мексиканската полиција соопшти дека е уапсен Сидронио Касаруби, водач на наркобанда, под обвинение дека соработувал со корумпирани полицајци во случајот на 43 исчезнати студенти.
Веста е објавена само неколку часови по завршувањето на маршот на илјадници луѓе во мексиканскиот град Акапулко. Демонстрантите бараа одговор за судбината на 43 исчезнати студенти, за кои властите претпоставуваат дека се масакрирани од полицајци поврзани со наркобандите.
Јавниот обвинител Хесус Муриљо Карам изјави дека апсењето на Касарубијас отвора „нова линија на истрагата, која побрзо и полесно ќе доведе до вистината“ за случајот.
Студентите исчезнаа во сојузната мексиканска држава Гереро кон крајот на септември по судир до полицијата и маскирани напаѓачи. По инцидентот, ширум Мексико, уапсени се повеќе десетици полицајци.
Вчерашниот протестен марш помина мирно, но голем број туристи ја откажаа посетата на Акапулко. Дел од демонстрантите бараа оставка од гувернерот на државата Гереро, Анхел Агире.
Властите пронајдоа масовна гробница во близина на местото каде исчезнаа студентите, но истрагата покажа дека од 28 пронајдени тела ниту едно не е на исчезнатите студенти.