Во рамки на утрешното одбележување на 18 Октомври Европскиот ден за борба против трговија со луѓе, денеска на Филозофскиот факултет во Скопје, како и во повеќе други градови во земјата започна кампања преку која се информираат младите за опасностите со кои може да се соочат.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која денеска беше меѓу студентите во кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ рече дека во Македонија, која во континутет се бори со оваа најтешка форма на нарушување на човекови права и модерно ропство, лани имало 15 случаи на трговија со луѓе.
– Република Македонија, за жал, и понатаму останува дестинација на транзит и потекло. Бројките говорат дека во изминатата 2013 година во Македонија се откриени вкупно 15 жртви на трговија со луѓе од кои девет се домашни, шест странски државјани, а девет од овие лица се малолетни. По вид на експлоатација девет биле предмет на сексуална експлоатација, четири на трудова експлоатација, а две лица имале присилен брак, изјави Јанкулоска.
Проектите како овој денешниов „Патувај и работи“, истакна министерката, имаат за цел да ги покажат и лошите страни на она што на некого ќе му изгледа како предизвик или како актрактивна работа, а всушност значи опасност за младите.
Трговијата со луѓе е најтешка форма на нарушување на човековите права, како форма на организиран криминал како модерно ропство на денешницата. Најдоброто оружје во борба против трговијата со луѓе е добрата информираност.
– Направивме напор преку споделување информации, доделување флаери, брошури, да ги информираме студентите за нивното право да работат, но тоа да го прават на законски начин онака како што им се гарантирани нивните права без разлика дали тоа се случило во Република Македонија или надвор од неа, изјави министерката за внатрешни работи.
Со ова, потенцираше таа, уште еднаш сакаме да ја сензитивизираме јавноста, а посебно младите луѓе околу опасностите кои доаѓаат од оваа најтешка форма на кривично дело и најтешка форма на ограничување на човековите слободи и права.
– Сведоци сме дека во Република Македонија се почесто и малолетни лица се загрозени од оваа форма на тежок криминал. Неодамна имавме случај токму на подрачјето на Град Скопје, каде што три малолетни девојчиња беа сексуално експлоатирани, потсети Јанкулоска посочувајќи дека случајот е затворен и оти се поднесени соодветни пријави.
Многу често, вели таа, апелираме до родителите правилно да ги воспитуваат своите деца, а информациите кои се потребни за соодветна возраст да ги споделуваат со нив за да не се случи младите да бидат доведени во ситуација да бидат жртви на тешки кривични дела вклучително и трговија со луѓе.
Ги повика родителите, образовните институции, социјалните работници, семејствата и сите оние на некој начин претставуваат авторитети за младите луѓе да го искористат својот тоа и да разговараат за темите кои се од значење за младиот човек.
Во 2012, Меѓународната организација на трудот (МОТ) проценила дека околу 880.000 луѓе се жртви на присилен труд и тоа само во Европа.