Поради опасноста од ебола, Чешкиот Национален совет за безбедност одобри воведување на контрола на сите патници кои пристигнуваат на аеродромот ,,Вацлав Хавел” во Прага, јави дописникот на МИА.
– Важно е, да успееме да ги дознаеме што е можно поскоро сите можни ризици поврзани со појавата на ебола во Чешка, ги објасни новите мерки премиерот Бохуслав Соботка.
Според Соботка, целта на контролата е, да се добијат информации за патниците за да може да се реагира навреме и да се идентификуваат ризичните лица.
Во врска со планираните контроли на аеродромот ,,Вацлав Хавел”, министерот за здравство Сватоплук Немечек изјави дека сите патници кои патуваат кон Прага, уште во авион ќе пополнуваат картичка, во која ќе наведат, од каде доаѓаат и каде се движеле во последните 42 дена, што е за двапати повеќе од периодот на инкубација за болеста ебола.
Странците, ќе мораат да наведат каде ќе престојуваат во Чешка.
Патниците кои во претходните шест недели биле во некоја од земјите од Екваторијална Африка, каде расте епидемијата на заболени од ебола, ќе треба да се пријават за контрола на одделението на епидемиолошката служба сместено на аеродромот.
Таму патникот ќе биде прегледан, ќе му биде измерена температура и ќе треба да наведе со кои лица бил во контакт во претходниот период, за да можат да се контактираат, доколку се појават симптоми на болеста.
Во Чешка, досега се појавија неколку сомнителни случаи на заболени од ебола, но ниеден не се потврди.