Над 3.000 денови погрешни аграрни политики на Владата на Никола Груевски го донесоа земјоделството во криза а земјоделците на големи маки.
Владата на Груевски се обврзa дека субвенциите ќе ги исплаќа според „календарот на субвенции“. Но, на голем дел од земјоделците власта се уште ги нема исплатено субвенциите за 2012 и 2013 година иако законскиот рок за исплата одамна е поминат.
Во која година застана времето во Министерството за земјоделство? Или се чека некој нов заем за задолжување на идните генерации?
Тутунарите не само што ги немаат добиено ланските субвенции туку Власта нема решение ниту за проблемот што токму таа го создаде, а тоа е вишокот тутун“, рече на денешната прес-конференција Татјана Прентовиќ, претседателка на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„И сточарите се оставени сами на себе. Болеста „Син јазик“ зафати околу 30.000 животни од кои 7.000 угинаа. Токму поради неагилноста на институциите сточарите се уште претрпуваат штета во своите стада. Мерките на Владата се задоцнети а не се исплатени ниту обврските кон сточарите за изминатите 2 години.
Дополнително, во предлог Буџетот за 2015 година Владата ја намалува сумата за субвенции за над 2 милиони евра.
Стандардот на земјоделците опаѓа. Огромен број села се уште немаат пристапен пат по кој може нормално да се стигне, нема обезбедена чиста и безбедна вода за пиење, нема канализиација.
Насушна потреба на македонското земјоделство се и системите за наводнување. Но владата наместо да гради акумулации и системи за наводнување, таа гради споменици и милионски тркала во Скопје.
Водостопанството на Република Македонија е во потполн хаос. Најголем дел од мрежата на водостопански субјекти не постојат, се изгаснати, а објектите и хидросистемите се оставени на милост и немилост.
Ова Влада не смогна сили да обезбеди минимална одржливост на постојните хидросистеми. Најавеното формирање на Акционерско друштво за управување со водите за наводнување нема да ги реши проблемите. Дополнително што не соодветствува со фактот дека водите се природен ресурс, кој според Уставот се добро од општ-јавен интерес и им припаѓа на сите граѓани на РМ.
Давањето на дивечот под концесија е апсурден и го нема во ниедна друга земја во Европа. Прво се избира најдобар понудувач, a потоа во рок од 60 дена се разгледуваат материјално-техничките можности за вршење на дејноста ловство. Нелогично е прво да се донесе одлука без претходно да се разгледаат овие параметри. На тој начин, концесијата ја добиваат само лица што имаат пари а немаат стручност и ловостопански објекти.
Проблемите во земјоделството допрва ќе се зголемуваат.
Цените на ѓубривата, семенскиот материјал и нафтата се значително зголемени а животниот стандард на земјоделците е во постојан пад.
Речиси кај сите земјоделски гранки е забележливо намалување на посеаните површини што ќе значи и пад на произвдството.
Како резултат на погрешната аграрна политика годишно се намалуваат над 7.500 хектари земјоделска површина а наводнуваните површини се намалени за 36%. Иселувањето од руралните средини продолжува.
СДСМ ја дели загриженоста со земјоделците. Повикуваме Владата на Никола Груевски:
- Навремено да ги исплаќа субвенциите, согласно законскиот рок.
- За остантите неисплатени субвенции за 2012 и 2013 година да предложи сериозен финансиски план за исплата во наредните 3 месеци.
- Одкако тоa ќе го направи, потоа да почне да ги исплаќа субвенциите според „календарот на субвенции“ односно со динамика, кога им се најмногу потребни на земјоделците – мерка што СДСМ ја предложи во последната изборна програма“, изјави Татјана Прентовиќ.