Поранешните логораши и бранители тврдат дека често се разболуваат и дека стапката на смртност кај нив е поголема од другите граѓани.
Војните кои во 90-тите години од минатиот век се водеја на територијата на поранешна СФРЈ резултираа со илјадници убиени граѓани, уште поголем број ранети, илјадници исчезнати кои и денес се водат како такви. Направени се многу страшни воени злосторства, силувања, а отворени биле и многу логори во кои покрај возрасни мажи, биле затворени и жени и деца.
Денес, по 20 години, поранешните логораши и бранители укажуваат дека кај нив стапката за заболување и смртност е поголема од останатите. Како основна причина за тоа ги наведуваат ужасите кои ги преживеале и виделе, како и целиот тој стрес на кој долготрајно и често биле изложени.
Војната – основен виновник
– Кога зборуваме на таа тема, секогаш велиме дека речиси и не знаеме за некој поранешен логораш да умрел од старост. Најчесто умираат од карцином или пак кардиоваскуларни болести. Се случува и човек едноставно преку ноќ да се разболи и за само неколку недели да почине.
Има уште некои болести кои предизвикуваат зачестена смрт кај поранешните логораши, но овие две се тие кои преовладуваат и кои во нашите истражувања се покажале како најчести болести од кои умираат поранешните логораши – вели претседателот на Хрватското здружение на логораши во српските концентрациони логори (ХДЛСКЛ), Данијел Рехак.
Рехак вели дека изминатите години спровеле интерно истражување меѓу членовите на семејствата на починатите логораши. Ја истражувале причината за смртта, од кои болести, колку сето тоа траело… Покрај сето тоа, неизбежна дијагноза кај сите нив е и пострауматскиот стресен синдром ПТСП.
– Можеби сето тоа на други е малку чудно, но на нас не ни е чудно. Доволно е само да се сетиме на сите тие малтретирања, тепања, прегладнувања, смрзнувања, лажни стрелања, силувања… Сето тоа не траеше ден или два, туку со месеци. Војната многу често го покажува она најлошото меѓу луѓето, но тоа што може да се доживее во логорите е уште полошо. Многу полошо. Заробени сме како релативно здрави луѓе да излеземе на слобода скршени на сите можни начини – додава Рехак.
Бројките кои зборуваат за поранешните логораши се факт кој дополнително загрижува. ХДЛСКЛ вели дека само во Хрватска постојат околу 30.000 лица кои поминале во логорите.
Меѓутоа, Република Хрватска изминатите години статусот на логорашите го призна само на тие кои ги регистрираше Меѓународниот Црвен Крст, т.е. за нешто помалку од 8.000 луѓе. За разлика од останатите, тие имаат осигурана постојана медицинска заштита, организирани систематски прегледи…
Буре барут
– Ние сме буре барут кое може да експлодира кога било и каде било, а повторно тоа не мора никогаш да се случи. Некој од нас сите тие здравствени проблеми ги поднесува подобро или полошо. Едноставно, се работи за популација во општеството чие здравје на секој начин сериозно е нарушено и за тој проблем мора да се води сметка. Со помагање на поранешните логораши се помага и на нивните семејства, но и на целото општество. Се случува некој ексцес и тогаш сите ние се чудиме на она што некој го направил. Меѓутоа, кога би знаеле само дел од тој пекол низ кој поминале поранешните логораши, многу работи на луѓето би им биле појасни – смета Рехак.
Вели дека и ПТСП игра дополнителна улога и дека речиси сите тие редовно пијат многу таблети за да можат воопшто да функционираат колку толку нормално. Сето тоа се однесува и на поранешните бранители, т.е. луѓето кои на првите линии на борбите ја почувствуваа војната на своја кожа. И тие укажуваат на проблемот дека стапката на заболување и смртност кај поранешните бранители во Хрватска е поголема од кај останатите граѓани. На тој факт, кој не е потврден од Министерството за бранители на РХ, укажуваат бранителите од многу здруженија, наведувајќи дека најпогубен и во нивниот случај е ракот.
Бројките се се поцрни
Членовите на Здружението на болни од леукемија и лимфома, кое собира бранители со малигни дијагнози, велат дека според најновите податоци до сега од разни видови на карцином умреле 15.000 бранители, а дека вкупната бројка на умрени бранители надминала 30.000. Нивните искуства зборуваат дека најголем број на бранители се разболеле во периодот од пет до седум години по завршетокот на војната.
Претседателот на Здружението на заболени од леукемија и лимфома Емил Вибовиќ, инаку и самиот бранител кој по војната се разболел и се лечел од леукемија, вели дека според официјалните податоци на Министерството за бранители од 1998 до 2010 година, нешто повеќе од 8.000 поранешни бранители умреле од рак. Меѓутоа, податоците со кои располага здружението говорат дека тие бројки последните години драстично се зголемуваат и дека до денес таа бројка речиси дупло е зголемена. Вибовиќ потсетува и дека Министерството лани објавило податоци дека во периодот од 1998 до 2010 година умреле 24.249 хрватски бранители. Разни карциноми однеле 8.093 животи, додека болести на срцето и крвните садови однеле уште 6.923 животи. Просечната старост на умрените била 50,9 години.
Коментирајќи ги тврдењата на поранешните логораши и бранители, министерот на хрватските бранители Предраг Матиќ, инаку и самиот бранител и логораш, вели дека всушност нема отстапување кога станува збор за стапката на смртност меѓу поранешните логораши и бранители како и обичните граѓани.
Работата како лек
– Тука постојат само некои мали отстапувања. Имено, логорашите и бранителите се разболуваат повеќе од карцином, па потоа од срцеви болести, додека тоа кај цивилите е обратно. Факт е дека постојат луѓе кои имаат сериозни здравствени проблеми, кои секојдневно пијат цела рака таблети… За нив сме ние тука да им помогнеме. Сепак, сметам дека човекот сам на себе е најдобар лекар – вели Матиќ.
Во прилог на своите тези Матиќ потсетува на 5.000 бранители на здруженија во Хрватска кај кои, како што истакна, нема самоубиства, алкохолизам, семејно насилство и слични проблеми. Се наведува и себе како пример дека после сите ужаси од војната и логорите може да продолжи нормално да живее.
– Сметам дека работата е најважна за да се излечи човек и да почне нормално да функционира. Човекот мора да биде зафатен со нешто, мора да се бави со нешто и што помалку да размислува за војната, логорите и страдањата. На некој начин тие сеќавања мора да се стават на страна и да не се дозволи тие да испливаат на површина. Тоа се моите лични искуства, но и искуства на 5.000 членови на здруженија, – заклучи Матиќ.
Ал Џезира Балкан – Сараево