Сириските Курди кои војуваат против џихадистите на Исламска држава кај Кобане, кој се наоѓа близу сириско-турската граница, предупредуваат дека падот на овој град, во кој курдското население е мнозинство, ќе „биде како Трета светска војна“.
Во изјави за лондонски „Дејли Телеграф“ тие се жалат дека, освен помошта од воздух, што им ја пружаат Американците, Курдите, практично, се оставени сами.
Тие се незадоволни од „слабиот одговор на меѓународната заедница“ на нападите од Исламска држава (ИД) и бараат САД, Велика Британија и другите од меѓународната заедница да помогнат во борбата со џихадистите кои може да станат закана и надвор од регионот на Блискиот Исток.
– Никој за нас не се грижи,ниту не сака, изјави за весникот Рездар Азад, чии тројца синови се борат на фронтот во Кобане против ИД.
Како сите Курди и тој ги подржува воздушните напади врз позициите на џихадистите, но признава дека сега има само мала надеж градот да не падне во рацете на џихадистите.
Истакнати припадници на сириската курдска заедница, кои се евакуирале од Кобане, забележуваат дека бомбардирањето на Американците нема таков ефект како во Ирак и се сомневаат дека нападите не се спроведуваат со максимална жестокост.
– Постои една долина која е југозападно од градот за кој се бориме со недели.Таму ИД има сместено околу две илјади најразлични возила и опрема, па иако безмалку две недели траат повремените воздушни напади, Американците ниту еднаш не извршија напад врз таа локација“, вели за лондонскиот весник, претставник на локалните Курди чиј идентитет не се открива.
Тој објаснува како самиот гледал еден таков воздушен напад во тој реон, кога американските авиони погодиле резервоар за вода на еден локален фармер, но не и возилата на џихадистите.
– Имам впечаток како да си играат со ИД, или како да сакаат само да ги исплашат, вели овој претставник за „Дејли Телеграф“.
Сириските Курди, сепак, се согласуваат дека бомбардирањата се единствената надеж за нив и порачуваат дека иако џохадистите на ИД се подобро вооружени од нив, доколку дојде до улична борба, или борба гради во гради, за Кобане, тогаш предноста ќе биде на курдска страна.
Воени посматрачи во реонот на судирањата велат за лондонскиот весник дека џихадистите „исчезнуваат“ секогаш кога ќе уследи воздушен напад, но веднаш ги обновуваат операциите против курдските бранители,кога бомбардирањата ќе престанат. Тие се согласуваат дека нападите од воздух не се доволни за да се совлада ИД.