За 60 дена 66 рурални населени места ќе добијат аптеки

Од:

Шеесет и шест населени места до 3.500 жители во рок од 60 дена ќе добијат аптеки или аптекарски станици, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Решенија за отворање аптеки се доделени во 37 општини, од кои секоја е застапена со едно или повеќе населени места и ќе бидат опфатени над 132.000 жители. За општините Битола, Струга и Струмица се доделени по четири решенија. По три се доделени за Гази Баба, Кичево и Ресен,  за Сарај седум, по две решенија добија Велес, Гостивар, Липково, Пробиштип, Радовиш, Студеничани и Чашка, додека по едно добија Берово, Боговиње, Брвеница, Бутел, Валандово, Василево, Виница, Гевгелија, Градско, Дебар, Зелениково, Илинден, Кавадарци, Карпош, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Маврово и Ростуша, Ново Село, Охрид, Пласница, Прилеп и Теарце.

– На овој начин, со отворањето на овие 66 аптеки/аптекарски станици ќе бидат опфатени над 132.000 жители, за кои ќе ја зголемиме достапноста до потребните лекови, ќе го олесниме процесот на набавка на лекови, а со тоа и ќе овозможиме намалување на дополнителните трошоци за нивна набавка, смета Тодоров.

За отворање аптеки во руралните средини се задолжени приватни здравствени установи – аптеки, кои имаат две или повеќе аптеки во иста општина или пет или повеќе на ниво на државата. Услов за отворање аптекарска станица е да се обезбеди простор согласно правилникот за простор, опрема и кадар, посебна просторија за чување лекови и посебна опрема за чување наркотични средства, ладилник, како и читач за електронска картичка за секој шалтер на кој се издаваат лековите.

– Овој систем има подлога во еден германски модел на отворање супсидијарни аптеки со што се овозможува повисока грижа на државата за руралните населени места. На овој начин го заокружуваме целиот систем за подобрување на примарната здравствена заштита во рурални области и за навремено обезбедување соодветна терапија за населението од руралните подрачја во државата, истакна Тодоров.

Доколку аптеките, односно фирмите во предвидениот рок не ги отворат аптекарските станици, ресорниот министер нагласи дека ќе им бидат одземани лиценците за работа.

Во руралните подрачја, додаде, лековите ќе ги издава фармацевтски техничар.

– Аптекарската станица е подружница на постојна аптека која може да работи само со фармацевтски техничар во населено место до 3.500 жители, додека аптека во населено место до 3.500 жители не е подружница, туку приватна здравствена установа која се основа првпат и може да работи само со дипломиран фармацевт, појасни министерот.

Директорката на Агенцијата за лекови Марија Дарковска-Серафимовска најави дека Министерството го стимулира отворањето на аптекарските станици во однос на просторот од 16 метри квадратни, кадарот и оти лековите ќе бидат на терет на Фондот за здравство.

– Придобивките се достапност на лековите до сите граѓани во Република Македонија, особено до оние лица кои живеат во демографски загрозени подрачја и избегнуавање дополнителни трошоци на граѓаните кои морале да одат во градовите да ги набават потребните лекови, заклучи Дарковска-Серафимовска.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство