Од април 2015 дозволи за автобуси со најмалку Еуро 2 стандард

Од:

Од 1 април следната година лиценци за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз ќе можат да добијат само превозници кои поседуваат возила со најмалку Еуро 2 еколошки стандард, предвидуваат измените на Законот за превоз во патниот сообраќај што ги усвои на последната седница Владата. Усвоени се и законски измени со кои ќе се овозможи увоз на автобуси и минибуси со Еуро 3 стандард.

– Автобусите со кои се превезуваат патниците ќе мораат да бидат со минимум Еуро 2 стандард, односно од април следната година нема да се издаваат лиценци за автобуси и мини автобуси кои сакаат да вршат меѓуградски и меѓународен сообраќај доколку имаат возило под тој стандард, рече денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Министерот за економија Беким Незири информира дека увозот на автобуси со еуро 3 стандард е на барање на здруженијата на превозниците, во насока на развој на транспортот и заштита на животната средина.

– Сите транспортни фирми ќе може да увезуваат автобуси со еуро 3 стандарди, со што еуро 2 и еуро 1 заминуваат во историја. Сметаме дека со воведување на ваква мерка бројката од 348 автобуси со еуро 2 стандард за шест месеци до 1 година ќе се намали, а бројката на автобуси со еуро 3 која моментно изнесува 131 да се зголеми, рече Незири.

Освен што излегуваме во пресрет на транспортните фирми и економијата, додаде, исто така придонесуваме за заштита на животната средина и на раѓаните особено во Скопје, каде загадувањето може да се зголеми од автобуси со еуро нула, 1 и 2 стандарди.- Со воведување на стандардите еуро 3 очекуваме да придонесеме за заштита на животната средина, рече Незири.

Со мерките за увоз, според Јанакиески, во континуитет се стимулираат превозниците за подбрување на возниот парк со повисоки стандарди.

– Пред две години кога Владата одлучи да дозволи увоз на автобуси со еуро 2, како што сега се прави со еуро 3, имало 77 автобуси со еуро 2, а сега има 348, што значи дека голема бројка возила што биле без еуростандард се замениле и купиле еуро два. Со тоа автоматски сме ги стимулирале превозниците да купат еуро 2 возила. Сега за наредниот период велиме дека е доволно со еуро 2 и дека треба да подобриме со еуро 3. Кога ќе има доволен број на возила со еуро 3 стандард тогаш можеме да размислуваме да ги укинеме возилата со еуро 2. Ова е нешто што се прави постепено и во согласност и комуникација со здруженијата на превозници, појасни Јанакиески.

Со законските измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, туристичките агенции, во рок од три месеци од усвојувањето,ќе мора да се поврзат на електронскиот систем на автобуските станици и да резервираат карти електронски. – Со тоа не ќе може да се случи една карта да биде двапати продадена и од автобуските станици и од туристичките агенции, укажа Јанакиески.

Во делот од Законот за превозот на стока, пак, се предвидува Царинската управа да почне со контрола на странски превозници од држави со кои Макеоднија нема билатерални дозволи или дозволи за трети земји. – Доколку немаме слободен превоз на стока од Македонија кон друга земја, доколку се потребни лиценци, сега и странски превозник кога ќе дојде во Македонија ќе се контролира дали има лиценца или не, рече министерот за транспорт.

Новина со измените на Законот за јавни патишта се санкциите за превозниците кои ги кршат наплатните рампи на патарините, за што е предвидено трајно одземање на возилото и глоба од 500 евра. Доказ ќе бидат снимките од патарината.

На барање на руралните средини со измените на Законот се овозможува заштитниот појас покрај регионалните и магистралните патишта да не биде помалку од пет метри, наместо досегашните 20. Со оваа одредба, појасни Јанакиески, ќе овозможиме да се легализираат определен број објекти и да се урбанизираат определени подрачја.

Попрецизно се регулира и одобрувањето и поставувањето натписи, реклами, табли и инсталации во заштитниот појас на државните патишта, како и заштитни огради и столбчиња на патиштата во општините и Град Скопје.

Би можело да ве интересира

Aко на Скопје му требаат 250 автобуси и на другите градови во Македонија им требаат уште 250 автобуси, вели Мицкоски

Од утре до понеделник јавниот превоз во Скопје по неделен возен ред

Автобусите во Скопје денеска сообраќаат по неделен возен ред

А1он

За 12,5 отсто е намален бројот на патници со автобус во четвртиот квартал лани

Пресуда за „Ласкарци“: 14 години затвор за возачот на автобусот, сопственикот на „Дурмо Турс“ доби најблага казна од сите обвинети

Александар Тодески

Денеска и утре автобусите на ЈСП ќе сообраќаат по неделен возен ред

А1он