„Младински образовен форум (МОФ) внимателно и загрижено ги анализираше последните најавени измени во високото образование, со кои се предвидува државен испит или т.н. екстерно тестирање за студентите.
Од достапните информации, МОФ заклучува дека образовните власти повторно не пристапуваат стратешки кон решавање на предизвиците во високо образование, односно недостасува лоцирање на јасен проблем, кој државниот испит како решение би требало да го отстрани. Дополнително, повторно недостасува вклучување на засегнатите страни во првите фази од креирање на оваа јавна политика со што се доведува во прашање нејзината оправданост и легитимност.
Воведувањето на државниот испит е во конфликт со уставно загарантираните норми, со член 44 и 46 од Уставот на РМ, односно правото на обрзование и загарантираната автономија на универзитетите.
Со измените на Законот за високо образование од 2011-та година се предвидува надворешна евалуација во процесот на проценка на знаења на студентите во прв и втор циклус студии. Евидентно е дека моделот предложен од страна на МОН не соодветствува со она што е предвидено во член 113 од Законот за високо образование, пред се во делот на ограничување на правото на студии за студентите. Дополнително, МОН не појаснува кое ќе биде надлежното тело за спроведување на овој процес.
Понатаму, не е јасно дали од страна на МОН е констатирана нефункционалност на моментално поставениот систем на осигурување и оценка на квалитетот. Новата реформа, онака како што е претставена е во спротивност со неколку основни принципи предвидени соСтандардите и упатствата за осигурување на квалитет во рамки на Европската високообразовна област (вклучување на надлежни институции, почитување на универзитетска автономија, екстерната евалуација делумно да се заснова на внатрешната евалуација и сл.), документ кој Македонија се обврзува да го почитува со чл. 69 од Законот за високо образование, во делот на надворешна евалуација.
Она што загрижува е фактот што санкцијата за евентуално лош квалитет на високото образование ќе падне единствено врз студентот. Оваа мерка не ги зема во предвид другите околности кои може да придонесат за лошиот квалитет на образование, туку како единствена причина ја претпоставува недоволната желба или способност на студентот да го совлада материјалот. Дополнително, студентот трпи и финансиски загуби, доколку го изгуби правото да го заврши своето високо образование.
Конечно, надлежните институции не овозможија доволно информации со кои би ја убедиле јавноста дека ќе можат да одговорат соодветно на предизвиците кои се производ на различната природа и начин на уредување на високообразовните програми ( различно времетраење на различни циклуси на студии, слобода да се избере задолжителната литература, ризик од ограничување на правото на мобилност).
МОФ ги охрабрува сите засегнати страни (студентите, академскиот кадар, родителите) да размислуваат за оваа неочекувана реформа, да изградат сопствен став и јавно да го презентираат. Само на овој начин може да се спречи обидот за ускратување на правото на образование, ограничување на автономијата на универзитетите и воведувањето на поголема државна контрола која нема да го зголеми квалитет во високото образование“, се вели во соопштението на МОФ.