Мексиканските власти испратија федерални агенти за да ја преземат контролата врз проблематичниот град Игуала во југозападната сојузна држава Гереро.
Акцијата се спроведува неколку дена по откривањето на масовна гробница и поднесувањето на обвиненија против полицајци за заговор со криминална банда во врска со убиството и исчезнувањето на десетици ученици.
Новоформираното одделение на федералната полиција доби задача да го оддржува редот во градот Игуала, како и да помогне во потрагата по 43 исчезнати момчиња. Учениците и натаму се водат како исчезнати по нападот од 26 септември, во кој загинаа шест лица.
Властите, исто така, проверуваат дали 28-те тела, кои беа пронајдени на крајот од минатата недела во масовна гробница крај Игуала, им припаѓаат на исчезнатите момчиња.
Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нето настанот го оцени како „загрижувачки, мачен и неприфатлив“. Тој изјави дека на местото на настанот испратил федерални безбедносни сили, кои ќе имаат за цел да дознаат и утврдат што се случило, како и „против одговорните да ја применат строгоста на законот“.
Државниот обвинител на Гереро, Инјаки Бланко, изјави дека засега не е познат мотивот за нападот.