Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер ќе биде отворена изложба „Дигитални отпечатоци” на Ладислав Цветковски, која е негово прво претставување во бугарската престолнина.
Цветковски е ликовен уметник, графички дизајнер и универзитетски професор. Во текот на целото работно искуство интензивно работи и ги истражува технолошките и изразните можности на електронските медиуми во уметноста, а во последно време се фокусира на изразните можности на дигиталната технологија во визуелните уметности. Како резултат на тоа истражување се произлезени магистерскиот труд и изложбите од 2002 до 2014 година.
Во изминатиот период дизајнирал значајни монографски изданија, како и различни проекти за институциите од областа на културата и уметноста, Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот Св. Кирил и Методиј, меѓународни институции и повеќе издавачки куќи. За монографијата „Икони од Музејот на Македонија“ ја доби наградата за најдобро дизајнирана публикација во 2004 година. Член е на Друштвото на ликовните уметници од 1990 година.
Изложбата во Софија е поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија. Ќе ја отвори директорот на КИЦ на РМ во Софија Васко Шутаров, а за посетители ќе биде отворена до 16 октомври.