Двајца членови на криминална група во Мексико признаа дека убиле 17 од 43-та ученици, кои исчезнаа пред повеќе од една недела во јужниот дел од земјата, изјави вчера јавниот обвинител на државата Гереро, Ињаки Бланко.
Тој на прес-конференција во Акапулко истакна дека досега се откриени 28 тела во масовната гробница во близина на градот Игуала. Според обвинителот, ќе бидат потребни најмалку две недели за со сигурност да се утврди дали се тоа телата на исчезнатите ученици.
Четириесет и трите исчезнати момчиња учеле во училиште во близина на градот Чилпансинго, главниот град на државата Гереро. На 26 септември заминале со уште десетици други ученици во Игуала за да соберат средства за нивното училиште и да протестираат поради реформите во образованието.
Подоцна тие одземале три автобуси на јавниот градски превоз, со кои сакале да се вратат дома. Локални полицајци и неидентификувани вооружени мажи отвориле оган врз автобусите и на местото на инцидентот загинале три лица. Оттогаш 43-та ученици се водат како исчезнати.