Селекциите на САД и Шпанија ќе играат во финалето на Светското првенство за кошаркарки што се одржува во Турција.
Актуелните светски шампионки Американките очекувано славеа победа во полуфиналниот меч против Австралија со 82-70.
Селекцијата на европскиот шампион Шпанија беше подобра од домаќинот Турција со 66-56, благодарение на одличната игра во последната четвртина која ја доби со 25-17.
Финалниот меч меѓу САД и Шпанија ќе започне од 21 часот, а претходно од 18 часот Турција и Австралија ќе играат во мечот за бронзениот медал.
Како вовед во дуелите за медал, ќе се играат натпреварите за пласман. За петтата позиција ќе играат Кина и Канада, додека за 7.место ќе се борат Србија и Франција.