Речиси половина од чешките и словачките деца би отишле на средба со лице кое го запознале на Интернет, покажуваат испитувањата на Палацкиот Универзитет во чешкиот град Оломоуц.
Според истражувањето, во кое учествувале и компаниите „Гугл”, „Сезнам” и „Водафон”, загрижувачки е и трендот на објавување на интимни фотографии на социјалните мрежи од деца на возраст од 11-17 години, јави дописникот на МИА од Прага.
Податоците покажуваат, дека на средба со некој што го знаат само од Интернет, ќе одат 40 проценти од чешките и 42 проценти од словачките деца. Околу половина од словачките деца кои учествувале во анкетата со посредство на Интернет веќе добиле некаква покана за средба од странец.
Во Чешка слична понуда добиле 44 посто од испитаните деца. – Повеќето од половината поканети деца во Словачка потврдија дека оствариле средба со нивните „интернет пријатели”.
Интересно е дека повеќе од 27 проценти од нив од децата барале за нивната средба и контактите да не кажуваат на никого, истакна Мартин Копецки од Палацкиот универзитет. Според истражувањето, повеќето деца, информацијата за средба со некој туѓинец ја чуваат во себе. доколку некому сакаат да му се доверат, најчесто одбираат другар отколку некој од семејството или наставниците, на кои би им се обратиле само три проценти од децата.
Интимни фотографии на Интернет објавиле речиси осум проценти од чешките и словачките деца. А доброволно своја фотографија на некој друг испратиле десетина од анкетираните деца.
Чудно е што истражувањето покажува дека, 70 проценти од децата се свесни за ризикот од т.н секстинг, испраќање на фотографија направена без облека. Експертите објаснуваат дека децата тоа го прават најчесто со луѓе за кои мислат дека ги познаваат и имаат доверба во нив. Забележан е и пораст на напади со посредство на Интернет. Децата во Чешка и Словачка најчесто се цел на напад преку нивните профили и лични податоци на Интернет, а се зголемува и бројот на деца кои се цел на уцена во врска со објавување на нивни компромитирачки фотографии.