Откупувачите се подготвени да ги преземат договорените количини тутун, потврдија денеска на средба со производителите и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Колку ќе тежи родот се уште не се знае зашто бербата е во тек. Рано е, беше речено, да се зборува и за цената.
– Годинава очекуваме 25 милиони килограми тутун или околу 17 проценти помалку од ланските 31 милион. Квалитетот е послаб поради неповолните временски услови, но верувам дека при откупот ќе се испочитува Правилникот за проценка, изјави претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунарите Данчо Милески.
И според министерот Цветков, засега не може да се каже колкави ќе бидат приносите. Извесно е само дека претпријатијата ќе ги откупат договорените количини.
– Владата на синоќешната седница донесе измени на Законот за тутун кои предвидуваат од идната година да се воведе електронско евидентирање на површините и откупените количини. Така, во секој момент ќе знаеме колкаво е производството, истакна Цветков.
Тутунарите уште еднаш ја поздравија поддршката од државата и изразија задоволство што земаат најголеми субвенции во регионот, 60 денари за килограм. – За разлика од нас, грчките производители земаат само 20 денари, посочи Милески.
Денешната средба во Министерството за земјоделство беше една од најавените редовни пред претстојниот откуп што законски почнува најдоцна до 15 декември.