Општина Струга денеска започна со отстранување на времените објекти и урбаната опрема во градот за што претходно одлука донесе Општинскиот совет.
Денешната акција се одвиваше со асистенција од полицијата, а беа опфатени десеттина објекти во центарот на градот, поточно на градскиот плоштад. Од општината најавуваат дека активностите ќе продолжат и во текот на наредните денови, се додека не бидат тргнати сите времени објекти.
Според раководителот на Секторот за инспекциски надзор во Општина Струга Мунир Бајрактар, на имателите на вакви објекти им бил даден рок, до 21. септември самите да ги отстранат времените објекти и урбаната опрема.
– Оваа акција беше планирана уште пред шест месеци. Сопствениците добија решенија за отстранување, односно самите да можат да си ја отстранат својата урбана опрема. Градоначалникот беше доблесен, им даде еден период додека помине летната туристичка сезона. Сите имаа добиено извршни решенија и известувања уште пред три недели во кои стои дека заклучно со 21. септември треба самите да ги отстранат. Некои совесни граѓани сами ги отстранија објектите, додека другите чекаа на време или немаа можности да ги отсранат и затоа ќе ги отсраниме ние, појасни Бајрактар.
Тој додаде дека акцијата ќе се одвива во три фази, од кои првата започна токму денеска на градскиот плоштад во строгиот центар на Струга.
– Со првата фаза сакавме да го исчистиме овој прекрасен и убав плоштад со којшто порано сите стружани се гордеевме.Туристите доаѓаа да го видат плоштадот бидејќи имаше паркови. Се надевам ќе дојде и таа фаза да имаме плоштад кој ќе можеме да го покажеме и на странските туристи кои годинава ги имаше во поголем број во Струга и во Охрид, рече Бајрактар.
Сопствениците на времени објекти во Струга минатата седмица одржаа и мирен протест пред општинската зграда барајќи одлуката на Општинскиот освет да биде поништена.