Креативното решение на дизајнерот Гаспер Стерн од Словенија за брендирање на гроздовиот мед (маџун) на винарската визба „Тиквеш“ е победник на меѓународниот конкурс што го организираа Skopje design week и „Тиквеш“.
Како што беше соопштено денеска на прес-конференција, победничкото дизајнерско решение доби парична награда од 2.000 евра и ќе биде искористено за брендирање на новиот производ на „Тиквеш“ – Гроздов мед „Grapelixir“.
На јавниот повик објавен пред три месеци се јавија 101 креативец од најразлични земји со вкупно 202 предлога.
– Големиот број исклучително квалитетни креативни решенија уште еднаш го потврдува високото реноме што го има „Тиквеш“ како производител на уникатни автентични производи со врвен квалитет, но и како своевиден амбасадор на Македонија и нејзините убавини во светот“, изјави Орде Ивановски од винарската визба „Тиквеш“.
Според него, високата естетика и оригиналниот пристап употребен во дизајнерските решенија потврдуваат дека гроздовиот мед на „Тиквеш“ поседува исклучителен и пред се уникатен идентитет и висока вредност што дизајнерите го препознале и совршено го преточиле во овие решенија за брендирање.
– Освен по своите врвни вина, Тиквеш“ ќе биде препознаен од потрошувачите и како производител на гроздов мед со одличен квалитет и полезни состојки за здравјето на луѓето, посочи Ивановски.
Искажувајќи задоволство од соработката со „Тиквеш“, како и од квалитетот на сите пристигнати дизајнерски решенија, директорот на Skopje design week Александар Велиновски истакна дека идејата беше изнаоѓање комерцијален производ што ќе биде атрактивен, препознатлив на пазарот.
– Стимулирање на соработка меѓу една светска компанија и дизајн секторот е предизвик за нас како организација. Жирито немаше воопшто лесна задача бидејќи во период од два месеца пристигнаа огромен број предлози за гроздовиот мед, од врвни дизајнери до најмлади креативци. Вистинска штета е што само еден е победник, рече Велиновски.
Ова е втора соработка од ваков вид меѓу винарската визба „Тиквеш“ и Велиновски. Минатата година беше објавен меѓународен натпревар на кој се избра уникатно дизајнерско решение за виното „Шардоне“.
Маџунот на „Тиквеш“ најпрво ќе се пласира на домашниот пазар, а потоа и на пазарите во регионот.