Писмо, кое содржело бел прав, денеска било доставено до Канцеларијата на чешката Влада, информираше полицијата без да даде дополнителни детали, јави дописникот на МИА од Прага.
Заканувачко писмо со непозната бела супстанца вчера доби и чешкиот претседател Милош Земан. Според полицијата, првичните анализи покажале дека правот не бил опасен.
– Во секоја заедница, а дури и во секој град има неколку локални будали и јас сметам дека писмото е испратено од некој таков. Во име на Исламската држава протестира против давањето оружје на Курдите, објасни Земан, додавајќи дека претпоставува оти непознатиот прав е брашно, шеќер или можеби прашок за перење.
Чешката Влада на крајот на август одобри снабдување со муниција на курдските сили во северен Ирак кои се борат против милитантите на движењето Исламска држава.