Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) Михаил Цветков денеска присуствуваше на презентацијата на физибилити студијата за наводнување на пелагонискиот регион и можностите за проширување на мрежата во општините Битола, Могила и Новаци, изработена од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион со седиште во Битола.
Владата на Република Македонија, најави министерот Цветков, во наредните 10 години, ќе вложи 200 милиони евра во системите за наводнување и изградба на нови.
– Владата на Република Македонија и МЗШВ, посветуваме големо внимание на системите за наводнување бидејќи една од основните компонентни во земјоделството е водата. Како што е познато, за успешно земјоделие, потребни се четири основни компоненти, а тоа се земјени површини, вода, едуциран земјоделец што ќе извлече максимум од земјата и водата, и четвртата компонента е сонцето, кое за жал оваа година малку го имавме. Ние, во компонентата наводнување на земјоделието вложуваме многу средства, и според владината програма во наредните 10 години државата ќе вложи 200 милиони евра во системи за наводнување, односно рехабилитација на постојните и изградба на нови системи за наводнување. Оваа година во Битола за ХС „Стрежево“ предвидени се 80 милиони денари за обновување на системот „Стрежево“, како и средства за изградба на системи во селата Могила и Новаци на површина од околу 4.000 хектари. За овие системи, во 2014 година предвидени се 10 милиони денари, а следната година планираме системот и да го завршиме, посочи министерот Цветков.
Тој потврди дека за Битола односно за чистење на каналите за одводнување во битолско поле издвоени се 7 милиони денари.
– Во Битола одвоивме 7 милиони денари за чистење на каналите за одводнување. Тендерот заврши и избрани се фирмите и очекуваме до крајот на годината планираните 25 километри одводни канали да бидат целосно исчистени. На територијата на цела држава, планирано е да се исчистат 147 километри одводни канали, рече Цветков.
Според Емилиа Ѓероска, директор на Центарот за развој на пелагонискиот регион, во Битола и околните општини се прават исклучителни напори за ефикасно искористување на водата.
– Во изминатите две години постигнавме големи резултати воведувајќи го системот „капка по капка“ при производство на пченка. Со тоа се потврди светската пракса дека системите „капка по капка“ не само што овозможуваат ефикасно искористување на водата, туку едновремено обезбедуваат и високи приноси што со други зборови значи повеќе пари за земјоделецот и можност за дополнителни инвестиции, нагласи Ѓероска.