Илјадници студенти во Хонг Конг денеска почнаа еднонеделниот бојкот на наставата, одбивајќи да присуствуваат и да ги слушаат предавањата.
Студентите се собраа на Кинескиот универзитет во Хонг Конг, за да протестираат против спротивствувањето на официјален Пекинг, на предлогот за изборна реформа во оваа кинеска територија.
Бојкотот треба да биде вовед за многу погоемите демонстрации, предвидени за 1 октомври, кои ги организираат разните продемократски групи и активисти. Тој започна со протестно седење во студентскиот камп Ша Тин, одалечен неколку километри од центарот на градот.
Заедно со студентите во кампот, кој е дел од Кинескиот универзитет, протестираат и околу 400 професори и асистенти, како и технички перснал, давајќи им подршка на студентските барања.
Протестите избувнаа откако Кина го отфрли предлогот, за отворена номинација на кандидатите за највисоката функција во Хонг Конг, отфрлајжи на тој начин надежите на продемократските активисти за воспоставување на „целосна демократија“.
Властите во Пекинг, претходно, ветија дека од 2017 година во Хонг Конг ќе се воведе системот на директни избори за водечките функционери на градската власт, но минатиот месец, Кина соопшти дека прифаќа само гласање за листа од двајца или тројца кандидати, одобрени од посебен комитет за номинација.
Демократските активисти сметаат дека Пекинг ќе го користи овој комитет за да определува кој од луѓето би можел да биде кандидиран.